За празникот Сите Свети и Задушница

Posted · Add Comment

Првиот ден во месец ноември секоја година го прославуваме денот на Сите Свети. Тој ден ги славиме оние светци и светици кои Црквата ги прогласила за свети како и оние кои не се прогласени за свети, но со својот живот го оствариле идеалот на христијанскиот живот.  Овој празник како спомен на христијанските маченици се одбележува уште од 4 век. Но затоа што не можеме да ги знаеме имињата на сите кои умреле а биле на глас на светост, црквата одредила овој ден да се моли за сите свети и блажени, знајни и незнајни. Се работи за мноштво ва обични луѓе кои ни сведочат дека светоста не значи чудност, беспрекорност, туку претставува полнина на човечноста.

Задушница ја славиме секој 2 ноември, кога се сеќаваме на сите драги покојни. Посетите на гробиштата и гробовите се вообичаен знак на внимание и вера. Па така, овие два празници се израз на христијанската надеж и вера во задгробниот живот. Обичај е за овие празници христијаните да ги посетуваат гробовите на починатите од семејството и пријателите кои повеќе не се со нас, положување на цвеќе и палење на свеќи на нивните вечни почивалишта, славење на света миса и интензивна молитва за сите починати.

Во Скопје, верниците од католичката вероисповед овој празник ќе го одбележат на гробиштата Бутел, каде од 13 – 15 часот свештениците ќе бидат на располагање за благослов на гробовите, а во 15 часот ќе се одржи свечена света миса која ќе ја предводи НВП монс. д-р Киро Стојанов.